Спелеоблог е место каде јас, Марјан Темовски, ги споделувам своите ставови во врска со спелологијата во Македонија и пошироко.
Нешто за мене:
Јас сум спелеолог и доктор на науки во областа карстологија, па пештерите ми се воедно хоби и професија. Со спелеологија се занимавам од 2005 година, како член на Планинарски спортски клуб „Златоврв“ – Прилеп, а подоцна (2011) и како дел од тимот на Спелолошки клуб „Златоврв“ – Прилеп.
Со пештерите почнав најпрво за време на студиите по географија, па преку активностите во Златоврв, за да на крај завршам на докторски студии во Словенија, проучувајќи пештери во Македонија (во Мариовско и Тиквешко). Обука за спелеолошки техники (single rope techniques – техники на единечно јаже) имав на курс во Бугарија (Карлуково) во 2007 г.
Сум учествувал на спелеолошки истражувања во (нормално) Македонија, Словенија, Италија, Франција, Унгарија, а сум посетил (не туристички!) пештери и во Бугарија, Србија, Црна Гора, Унгарија, Чешка, Полска.
Во Златоврв сум инструктор по спелеолошки техники и во изминатите години сум обучил доста млади спелеолози, а сум организирал и водел голем број спелеолошки истражувања. За пештерите ме интересира скоро се, од морфологија, хидрологија, метеорологија, геологија, пештерски украси, па и троа археологија и биоспелеологија. Мојата научна специјалност е во доменот на спелеоморфологија и пештерски седименти, како алатки за проучување на постанокот на пештерите. Од скоро специјализирам во Унгарија на примена на геохемија на изотопи во карстолошките проучувања.
Пасија ми е спелеолошкото картирање (скицирање) и спелеофотографија.