Coming together is a beginning.
Keeping together is progress.
Working together is success.

Henry Ford

Пишаново е инспирирано од (неформалниот) спелео настан кој се одржува/одржа во Прилеп, на иницијатива на СК Златоврв, а на кој учествуваа(т) спелеолози од Златоврв – Прилеп, Ботом Тајм – Охрид, Орле – Кавадарци и Урсус Спелеос – Скопје. Настанот е именуван SRT Weekend со главна цел: вежбање на техниките на единечно јаже, пропратено со спелео дружба. Инспирацијата конкретно доаѓа од впечатокот кој го добив кога (преку скајп) ја начекав екипата на заедничка вечера, по завршување на вежбите на спелеолошкото вежбалиште „Шаторов Камен“.

Години наназад македонската спелеологија си има една главна мака. Тоа е недостатокот или воопшто немањето соработка меѓу спелеолошките клубови (друштва). Тоа е факт. Причините зошто е тоа така се различни, меѓутоа би рекол дека во најголем дел се должи на меѓучовечки односи, што значи дека работата е комплицирана. Ако го гледате нештото однадвор ќе ви биде тешко да разберете како може во една мала држава како Македонија, со мал број на спелеолози (најчесто бројка од околу 50тина луѓе или помалку) да не можат да се организираат и да најдат заеднички јазик да соработуваат околу нешто што им е заедничко. Ова ми беше првиот впечаток кога јас се вклучив во спелеологија како дел од Златоврв. Истиот впечаток го имаа и голем број спелеолози, пријатели, низ Европава кога ќе зборувавме на тема спелеологија во Македонија.

Не би навлегувал во деталите околу причините, како, кој и колку е крив за тоа. Јасно е дека на крај секогаш излегува дека другите се криви (најлесно решение). Јас би тргнал од ставот дека сите се криви, бидејќи соработката зависи од сите. Наместо да гледаме наназад и да бараме причини, најдобро би било да гледаме напред и да бараме решенија.

Рака на срце, последниве неколку години некои од клубовите се повеќе соработуваат меѓу себе и покажуваат поголема иницијатива за надминување на овие проблем. Меѓутоа сеуште сме далеку од целта.

Тука доаѓаме до инспирацијата за текстов. На вечерата беше собрана помлада екипа од четири клубови, дел од кои претходно се запознале и дружеле, меѓутоа прв пат сите заедно. Од разговорот дознав дека веднаш испланирале неколку акции заедно. Енергијата која се добиваше укажуваше на почеток на нешто добро („beginning of a beautiful friendship“ можеби?). Токму тоа и треба. Се повеќе заеднички акции. Веќе спомнав дека немањето опрема е еден од проблемите на македонската спелеологија, меѓутоа земајќи во предвид колкава е Македонија, доколку се спои опремата на сите спелеолошки клубови и се организираат заеднички акции, ќе се собере доволно опрема да се прават големи и технички сериозни истражувања. Нормално тоа не е така едноставно, луѓето кои би учествувале треба да бидат обучени и искусни, меѓутоа тоа е и начинот да станат искусни, преку заеднички акции. Поискусните да ги споделат своите искуства, а понеискусните да научат нешто ново. Никој учен не се родил. А секој искусен спелеолог би требало да е несебичен во споделувањето на своите знаења. Всушност скромноста и несебичноста се одлики на искусни и успешни луѓе, особено во активности како спелеологијата. Спелеологијата е тимска работа. Сам човек тука ништо не може.

Се надевам дека впечатокот кој го добив е одраз на реалноста и дека овој почеток ќе води кон напредок преку почести заеднички акции кои ќе резултираат со тимски успеси.

 

Собирањето е почеток.
Останувањето заедно е напредок.
Заедничката работа е успех.

Хенри Форд

Почетоци

Leave a Reply

Your email address will not be published.