Повеќепати се думав дали да напишам некој текст за проблемите со кои се среќава македонската спелеологија. Покрај тоа дали да пишувам, се думав и во која форма да биде пишаното. На крај секојпат кога ќе бев испровоциран напишам нешто, ќе излезеше дека немам време за тоа, па по долго време сепак се решив да одвојам троа време и да споделам некоја мисла на темава.
Некој можеби ќе си речи, малку маки има Македонија па ни дошло до маките во спелеологијата, ама пак од друга страна така ѝ се решаваат маките, ако секој се потруди да допринеси нешто во својот домен, работите можеби ѝ ќе се решат
Да се вратиме на спелеологијата.
Спелеологијата кај нас, иако (организирано) се практикува од 1960тите години навака, на жалост не е баш на потребното ниво. Проблемите се многу, почнувајќи од тоа што малку луѓе се занимаваат со спелеологија, малку од тие што се занимаваат се искусни и можат да водат истражувања, малку од тие што се искусни се активни (од разноразни причини), па се до тоа што генерално немаме многу опрема, а тоа доаѓа од таму што немаме многу пари. Тоа последното е општ македонски проблем и би рекол дека не ќе да е најголемиот проблем на спелеологијата кај нас.
Да не излези сега, одеднаш да прајме муабет за сите спелео маки, овој пат би се осврнал само на една појава во последно време (која не е ексклузивна само за спелеологијата), а е поврзана со начинот на споделување (презентирање) на резултатите од спелеологијата.
Нормално, со оглед на времето во кое живееме и присутноста на ФБ и др. социјални медиуми, логично е дека сѐ повеќе ќе бидеме присутни со некои информации од нашите спелеолошки активности. Тоа не е никаков проблем, напротив баш е супер. Години наназад голем проблем беше баш тоа што никој ништо не споделуваше (барем меѓу спелеолозите). Ова уште не е решено кога станува збор за конкретните резултати од истражувањата (на таа тема накнадно), ама барем сега можеме да видиме по некоја фотографија, а да не мора да чекаме некој настан па некој да ни презентира нешто или некој да ни раскажува, а ние да си замислуваме како изгледа нештото. Проблемот е во начинот на презентирање на тоа што се сработило. Во последно време се почесто се случува да биде споделена некоја информација (фотографија, текст итн) за некоја спелеолошка активност и кога ќе ја видите/прочитате (ако се разбирате малку во спелеологија) ќе ви стани јасно дека е преувеличено. Ова веројатно е резултат на начинот на кој функционираат медиумиве, па ако веста нема бомбастичен наслов (пр. ако нештото не е најголемо, најдобро, неверојатно итн), испаѓа дека не е интересно. Ова и порано го имаше кога ќе се објавеше нешто за спелеологија во мејнстрим медиумите (пр. Пешна и Господарот на Прстените; Јакупица и огромното подземно `Хари Потер` езеро; човечките рипки што само градоначалникот на Мак. Брод ги има видено/сонувано итн). Не дека сум толку наивен па да мислам дека ова ќе се смени (кога се во прашање новинарите), ама ако ова стани норма за спелеолозите, е тогаш ќе си имаме мака.
Едноставно нема потреба од преувеличување. Ако сте истражиле мала пештера, нема потреба да ја правите поголема од што е. Ако сте посетиле пештера, нема потреба да пишувате дека сте ја истражувале. Самото тоа што сте посетиле пештера е доволно јако и вредно за споделување. Самото тоа што сте истражувале пештера е доволно јако и вредно. Оти ако тргниме во другата насока и посета на пештера стани истражување, истражување на дел од пештера (или мала пештера) го крстиме експедиција, фотографирање на пештера да ни стани научно проучување итн., не си помагаме ни себе си, ни на другите. Спелеологијата е толку интересна активност, со толку различни работи што можат да се прават (и ниедна од нив не е лесна!), што само по себе ја прави посебна, вредна, интересна, значајна.
За да не се разбериме погрешно, малку да ги расчистиме терминиве посета, истражување, проучување.
Посета значи да посетите позната и истражена пештера. Тоа не значи дека е нешто едноставно и оп со рацете в џеб ќе се прошетате низ пештерата. Пештерата можи да биди кратка или долга (мала или голема), со мали или големи пештерски канали, хоризонтална (пештера во потесна смисла на зборот) или вертикална (пропаст – некои сеуште викаат јама иако пропаст е македонскиот термин), технички едноставна или доста комплицирана, физички лесна или пак доста тешка. Во секој случај ви треба основна спелеолошка опрема (пр. облека, чизми, шлем итн), а доколку е вертикална (или барем има некои вертикални делници во неа) ќе ви треба и SRT опрема и нормално познавање на техниката за да можете безбедно да влезите и излезите. Дури и за најобична посета на едноставна пештера (тука не ги вклучувам туристичките пештери) треба да имате барем основна спелеолошка обука. Исто така ќе има разлика и дали е сува или речна, или пак подводна. И во последниот случај, ако активноста се состои само во посета на познати делови од пештерата, тоа е посета, а не истражување. И нема ништо лошо (ни помалку вредно) во тоа да се кажи дека станува збор за посета. Кога веќе зборуваме за спелеонуркање, самото тоа што некој влегол да нурка во пештера е доволно голема работа, затоа што за тоа треба посебна обука, спремност, присебност, храброст, опрема, а ризикот и при обична посета е многу голем.
Истражување е кога при акцијата ќе се добие некоја нова информација. Најчесто значи истражување на нова пештера или нови канали во позната пештера. Исто така, истражување е документирањето на пештерите (скицирање). Всушност истражена пештера која не е скицирана, исто како и да не е истражена. До некаде слично е и со фотографирањето, иако тоа може да биде засебна активност, бидејќи за добра спелеофотографија треба доста опрема, време и работа (под фотографирање тука не се мисли на обично чкрап-чкрап селфи фотографирање, туку изработка на сериозна спелео фотографија). Чинам Жежо (од Пеони) имаше речено дека без скица и фотографија „пештерата те видела тебе, а не ти пештерата“. Истражувањето е сржта на спелеологијата. Без истражување нема спелеологија.
Експедиција е посебен вид на истражување кое во спелеологијата најчесто се употребува кога станува збор за истражување на големи и/или физички и технички комплицирани пештери (или можеби и тешко пристапни пештери), па истражувањето вклучува поголема количина на опрема, повеќе луѓе и нормално временски трае подолго. Со оглед на карактеристиките на карстот во Македонија и фактот што пештерите се наоѓаат обично во далечни и непристапни места, доста често и „нормалното“ спелеолошко истражување кај нас може да заличи на експедиција. Меѓутоа тоа не значи дека треба да го викаме експедиција. Во спелеолошки поразвиените земји се почесто и не го користат терминот спелеолошка експедиција, туку едноставно таквите акции ги именуваат како спелеолошки камп.
Под проучување се мисли на научно проучување. Во оваа смисла се користи и зборот истражување (научно истражување), но бидејќи спелеолошкото истражување (објаснето погоре) не бара спелеологот да е научник, за полесно да го разликуваме би го именувале проучување. На оваа тема (спелеологија – спелеолог) порано се воделе доста полемики кој може да се нарекува спелеолог, со оглед на тоа што спелеологија значи наука за пештерите (speleos – пештера, logos – наука), па по тоа спелеолог би бил научник од таа област. По оваа дефиниција не би требало спелеолози да се викаат сите оние истражувачи (што би рекле некои – `спортски спелеолози` иако ова не држи баш) кои истражуваат и документираат нови пештерски канали. За нив во Македонија порано се користел терминот „пештерникари“, што е аналогно на термините во соседните земји: пештерњак (Бугарија), печинар (Србија), шпиљар (Хрватска), јамар (Словенија). На англиски тоа му доаѓа „caver“. Како и да е, пештерникар кај нас не се одомаќинил и ние сите оние кои истражуваат или проучуваат пештери ги викаме спелеолози и нема ништо лошо тука. Јасно е дека едните без другите не можат, а често истиот човек е спелеолог и во научна и во истражувачка (спортска) смисла. Важно е да се почитува работата и на едните и на други, а на таа тема во наредна прилика.
За крај, ако се занимавате со спелеологија, тоа значи дека правите работи кои се несекојдневни и за кои треба посебна обука, посветеност, храброст и спремност (физичка и психичка) и само по себе тоа е ептен јако, без разлика дали изминатата недела сте биле на експедиција, на истражување или сте посетиле пештера.
Марјан,
ми се допадна твојот текст. За жал, многумина треба да го прочитаат.
Срдечен поздрав,
Емилија